Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави масовна полициска акција која ќе ги разоткрие размерите на криминалот со нелегално производство и трговија со марихуана во државата.
Според неговите зборови, граѓаните во наредните денови, па дури и во текот на денешниот ден, ќе бидат сведоци на заплена на „десетици тони“ недозволени супстанции.
Мицкоски остро ги критикуваше политиките на претходната власт на СДСМ и ДУИ, обвинувајќи ги дека ги довеле граѓаните и инвеститорите во заблуда со ветувања за брзо богатење и економски просперитет преку бизнисот со марихуана.
„Тоа беше економската политика на претходната влада која ги натера луѓето да веруваат дека преку ноќ ќе станат милионери, Наместо трансформација, добивме тешка и мачна ситуација која директно ги загрозува младите генерации“, изјави премиерот.
Граѓаните, според најавите, наскоро ќе ги видат официјалните бројки и податоци од МВР кои ќе ги потврдат овие наводи за „катастрофалната состојба“ наследена од минатото.

