15 February, 2026

Министерството за здравство со детали за случајот со починатото новороденче на ГАК

Од Министерството за здравство денеска преку соопштение информираа дека реанимациската постапка кај починатото новороденче на Клиниката за гинекологија била спроведена согласно утврдените медицински протоколи.

Како што наведуваат од МЗ, Комисијата за стручен надзор, по извршен увид во случајот, ги донела следните заклучоци врз основа на целокупната медицинска документација, исказите на медицинскиот персонал и обдукцискиот наод.

Според заклучокот на Комисијата, станувало збор за предвремено родено новороденче со тешка конгенитална инфекција, респираторен дистрес и нарушена белодробна функција како последица на незрелоста на белите дробови и воспалителен процес во рамки на инфекцијата. Кај новороденчето бил утврден и спонтан, парцијален пнеумоторакс, кој бил радиолошки верифициран во првите часови по раѓањето.

Поради тежината на здравствената состојба и идентификуваните ризици, новороденчето било поставено на механичка вентилација четири часа по раѓањето, а веднаш била започната и антибиотска терапија поради конгениталната инфекција.

Во текот на лекувањето била индицирана промена на антибиотската терапија, согласно лабораториските наоди кои укажувале на развој на септична состојба.

Поради дополнително влошување на здравствената состојба, дежурен лекар извршил реинтубација поради појава на масивен десностран пнеумоторакс, по што итно бил поставен торакален дрен. Од Министерството за здравство нагласуваат дека во целиот тек на лекувањето и реанимацијата постапките биле спроведени уредно и во согласност со важечките медицински протоколи.