15 February, 2026

Милошоски тврди дека лондонски Тајмс лаже: Нема да се градат бегалски кампови во Македонија

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот комитет на партијата, Антонијо Милошоски, денеска изјави дека Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија не предвидува изградба на бегалски кампови во Македонија. Со тоа тој ги демантира наведените информации во дел од британските медиуми, според кои азиланти од Обединетото Кралство би престојувале во нашата земја.

Милошоски посочи дека овој Договор претставува еден од „посериозните и поквалитетни документи“ склучени со држава од рангот на Британија, и дека фокусот е ставен на соработка во инвестиции, инфраструктура, безбедност и економија – но не и на бегалски центри.

„Со Договорот се предвидуваат средства за развој на инфраструктура во Македонија. Да, ќе се градат железници, автопати, здравствени и енергетски проекти, но – за жал на опозицијата која се обидува да спинува – нема да се градат какви било бегалски кампови. Британија, по излезот од ЕУ, склучува вакви договори со земјите од Западен Балкан и со самата Унија, со кои се зајакнува правната основа за соработка со Фронтекс во делот на контролата на границите и спречување на нелегална миграција,“ изјави Милошоски.

Тој додаде дека најсилен демант на ваквите шпекулации е и ставот на британскиот амбасадор, кој посочил дека стратешкото партнерство предвидува инвестиции во инфраструктура, економија, безбедност и образование – но не и бегалски кампови во Македонија.

Милошоски оцени дека тие што ја наметнуваат оваа тема како обид за скандал, имаат „недостаток на визија и идеи за тоа како Македонија да гради стабилни партнерства со земји како Велика Британија“.

Во меѓувреме, британски медиуми објавија дека Обединетото Кралство преговарало со Македонија за можноста одбиените баратели на азил да бидат испраќани во нашата земја, а според информациите, разговорите меѓу двете држави започнале уште есенва.