5 March, 2026

Македонскиот фудбалер успешно евакуиран од Иран: Не бев спиен ни јаден три дена

Враќањето на македонскиот фудбалски репрезентативец Стефан Ашковски од кризното подрачје во Иран го привлече вниманието на спортската јавност во земјава, по драматичното патешествие низ кое поминал и големата среќа што успеал безбедно да се врати дома.

По неколкудневна неизвесност, тој тргнал од Рафсанџан, каде што настапувал, преку Техеран, а потоа преку Истанбул, за вечерва конечно да пристигне во Скопје. На скопскиот аеродром бил пречекан од претставници на Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија, кои му овозможиле забрзана процедура и брз влез во државата, со што симболично завршила неговата тридневна голгота.

Ашковски граничните формалности ги минал експресно, на посебен шалтер отворен за него и за неговиот пријател и колега Јасир Асани, поранешен фудбалер на ФК Вардар, кој му помогнал во организацијата на враќањето.

„Дури сега целосно ми олесна, кога стапнав на македонско тло. Сè уште сум во шок од тоа што се случуваше. Можам книга да напишам за последните 72 часа. Среќен сум што жив стигнав во Скопје. Благодарност до сите што помогнаа, како и до луѓето на аеродромот за топлиот пречек. Сега сакам само да се одморам“, изјави Ашковски.

Тој додаде дека не жали што заминал да игра во Иран, посочувајќи дека условите биле подобри отколку што многумина претпоставуваат, но дека воената состојба ја прекинала неговата авантура.

– Добро сум, но не можам да зборувам во моментов. Ја преминувам границата со Турција, премногу сум под стрес. Само сакам да најдам хотел. Не сум спиел ниту јадел три дена. На пат сум за Истанбул, а потоа дома во Македонија. Сè уште не знам што ќе се случи со мојот договор. Не можам повеќе да зборувам – изјавил претходно Ашковски за „фанатик.ро“.