15 February, 2026

Македонец избран за епископ во Грција

Бранко Миовски, кој во монашкиот живот го носи името Бенедикт, е роден во Скопје во 1989 година. По завршувањето на студиите на Богословскиот факултет при МПЦ-ОА, во 2014 година заминува за Грција, каде се приклучува на монашка заедница на старокалендарската традиција, пишува Религија.мк.

На 14 јануари 2015 година, во манастирот каде што се подвизува, е замонашен од Архиепископот Калиник, поглаварот на Атинската катедра. Подоцна неговата духовна служба го води надвор од Европа: во 2018 година, како јероѓакон, заминува во САД, каде престојува во манастирот на Свети Јован Максимович во Њујорк, под духовно раководство на Митрополитот Димитриј, Американски егзарх на оваа црква.

Синодот на Црквата на вистинските православни христијани на Грција, позната и како грчка старокалендарска црква – основана во 1935 година како отпор кон воведувањето на новиот календар – на 28 февруари 2024 година го избира Бенедикт за викарен епископ на Митрополитот Димитриј, со титула поврзана со древната епархија Асторија.

Од март 2024 година тој официјално ја извршува својата епископска служба.