Имало случаи каде лица првично по пожарот немале никакви повреди или симптоми на здравствени проблеми, меѓутоа неколку месеци по пожарот веќе пријавуваат проблеми со дишење и други здравствени проблеми, истакна на денешната главна расправа за трагедијата во ПУЛС кочанскиот обвинител Борче Јанев.
Денешната главна расправа беше предвидена за изјаснување за вина од страна на обвинетите, а потоа и воведни зборови на одбраната, меѓутоа истата продолжува со оштетни побарувања поради забелешките на бранителите на обвинетите дека обвинението се уште не е доставено до нивните штитеници. Дел од бранителите побараа обвинението да биде преведено на албански јазик.
На обвинителна клупа и денеска седнаа 37 обвинети – 34 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедување и државни службеници. Тие се товарат за тешки дела против општата сигурност поради пропусти што директно довеле до трагедијата.
Адвокатите на дел од обвинетите во предметот за пожарот во „Пулс“ на почетокот на денешното рочиште имаа повеќе забелешки на ревидираното и интегрирано обвинение и новата листа на докази.

