Новинарот Драган Павловиќ Латас денеска не се појави на рочиштето во Граѓанскиот суд, каде што за клевета и навреда е тужен од јавната обвинителка Ленче Ристоска, објави неделникот „Фокус“.
Пред судот, Ристоска изјави дека тужбата ја поднела откако од Латас не добила извинување, туку, како што рече, продолжиле медиумските и јавни напади насочени кон нарушување на нејзиниот професионален углед и чест. Таа наведе дека во периодот од мај до декември биле објавени три таргетирани објави со, според неа, клеветничка и навредлива содржина, кои предизвикале јавна реакција и штета врз нејзиниот углед.
Обвинителката посочи дека ваквиот наратив подоцна бил преземен и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, што, според неа, довело до повлекување на првичната листа на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права и усвојување нов предлог без нејзино име. Таа оцени дека тоа е доказ оти клеветите ја постигнале целта – создавање негативен јавен впечаток за нејзината професионална подобност.
Ристоска побара надомест на штета во износ од 600.000 денари, нагласувајќи дека целта не ѝ е материјална корист, туку, како што рече, тужениот во иднина да известува објективно. Таа додаде дека и во јануари имало нови навредливи објави, за кои повторно побарала извинување, но не го добила.
Дополнително, Ристоска изнесе тврдење дека Латас имал личен бенефит од ваквата кампања, наведувајќи дека неговиот зет, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, бил избран за член на Советот на АВМУ, со што, според неа, постои личен и финансиски интерес за нејзина дискредитација.
Одбраната, преку адвокатката Анита Бегова, тврдеше дека не е нанесена штета и дека станува збор за информации од јавен интерес, обвинувајќи ја Ристоска дека бара публицитет. За време на рочиштето, судијката ја опомена адвокатката да се воздржи од лични забелешки и да го коригира однесувањето.

