Во петок напладне во Куманово е најавен протест пред зградата на Управата за јавни приходи (УЈП), поради барањето за ретроактивно оданочување на граѓаните кои остварувале приходи од странство од 2020 година наваму.
Голем број кумановци, како и граѓани од цела Македонија, во изминатите недели добиле решенија за плаќање високи износи на персонален данок на доход за приходи остварени во странство во последните пет години. Дел од нив со години работеле во американски бази во Ирак и Авганистан.
Од УЈП соопштија дека над 9.000 граѓани имаат непријавен доход од странство кој подлежи на оданочување, но само за периодите кога лицата биле во земјава, а им биле уплаќани средства од странство. Поради тоа, многу граѓани сега прибираат документација со која треба да докажат дека во спорните периоди престојувале и работеле во странство, каде што веќе платиле данок.
„Врз основа на анализираните податоци, околу 9.000 лица оствариле доход од странство кој не бил пријавен. Досега, 1.300 лица доброволно се усогласиле, пријавиле доход од околу 19 милиони денари и платиле данок од околу 10 милиони денари. За 307 лица, УЈП службено утврдила даночна обврска од 1,5 милиони денари, која е наплатена“, соопштија од Управата за јавни приходи.

