Кардиологот и академик Сашко Кедев се повлекува од здравствениот совет формиран од министерот за здравство Азир Алиу.
Како што објави Канал 5, Кедев како причина за повлекувањето од советодавното тело на министерот за здравство го навел застојот во започнатите контроли по откривањето на случајот со непотребните операции на срце, кој го обелодени токму Кедев.
По откривањето на случајот со непотребните операции на срце во август минатата година, здравствените власти формираа 15-члена комисија која на 14 ноември излезе со прелиминарен извештај.
Според наодите на комисијата, од 19 анализирани пријави за сомнителни случаи на непотребно извршени интервенции на срце, кај 10 биле утврдени непотребно извршени операции или непотребно упатување за операции.
Кон крајот на декември минатата година, министерот Алиу најави дека треба да се одржи првиот состанок со странските експерти што треба да бидат ангажирани за финализирање на извештајот за случајот со непотребните операции на срце, но и натаму не се знае дали и кога оваа комисија би почнала со работа.

