15 February, 2026

Камерите регистрираа 65.000 казни за само 12 часа

Министерот за внатрешни работи денеска го посети одделот на полицијата задолжен за проектот „Безбеден град“ и откри дека во првите 12 часа од работењето на системот се регистрирани неверојатни 65.000 сообраќајни прекршоци.

„Со овој проект започнуваме нова фаза во унапредувањето на сообраќајната безбедност. Сторителите на прекршоци ќе добиваат електронско известување, засновано на документи од современи технички средства. Нашата цел е јасна: повеќе безбедност, помалку прекршоци и нулта толеранција за несовесно возење, без разлика дали се во град или на пат надвор од населено место. Во првите 12 часа беа регистрирани 2800 прекршоци за поминување на црвено и 1000 за нерегистрирани возила. Овие бројки покажуваат дека системот е неопходен и ќе помогне за зголемување на безбедноста и намалување на штетите и жртвите на патиштата“, изјави министерот Тошковски.

Тој додаде дека „Безбеден град“ ќе овозможи поголема дисциплина во сообраќајот, транспарентни процедури и брза електронска комуникација со граѓаните. „Ова е инвестиција во спасени животи и побезбедни улици за сите. Продолжуваме да ги модернизираме процесите и да го унапредуваме квалитетот на работата на МВР“, рече Тошковски.