Досега македонските улици важеа за вистински рај на „неказнивост“ за возилата со странски регистарски таблички. Тоа наскоро ќе се промени, откако Министерството за внатрешни работи (МВР најави дека системот „Безбеден град“ (Safe City) ќе започне да ги детектира и санкционира и возилата со странски ознаки.
Од МВР за МРТ информираат дека казните ќе се изрекуваат без разлика на тоа кој управувал со возилото во моментот на прекршокот. Правилата ќе важат подеднакво за сите – и за домашните и за странските возачи.
За странските државјани, како и за македонските иселеници кои управуваат возила со странски таблички, ќе важат истите законски можности како и за граѓаните со домашни регистарски ознаки. Доколку казната се плати во рок од осум дена, износот ќе биде преполовен.
Системот „Сејф сити“ во моментов е целосно имплементиран и активен во три поголеми градови:
- Скопје
- Тетово
- Куманово
Граѓаните очекуваат дека оваа мерка ќе придонесе за намалување на бројот на сообраќајни несреќи и ќе воведе поголем ред во сообраќајот.
Таканаречените „паметни“ камери моментално детектираат четири видови сообраќајни прекршоци:
- непрописно паркирање,
- поминување на црвено светло,
- пречекорување на дозволената брзина,
- управување нерегистрирано возило.

