Тензии, навреди и сериозни закани по живот го одбележаа денешното рочиште за трагичниот пожар во кабарето „Пулс“ во Кочани. Судницата зовре откако обвинетиот градежен инспектор Огњан Ѓорѓиев директно ги испровоцира родителите на загинатите, тврдејќи дека и тие треба да сносат дел од вината за трагедијата.
Инцидентот ескалираше во моментот кога на сведочката клупа беше Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица.
Откако Наунова изјави дека лично не го видела Ѓорѓиев во дискотеката кобната вечер, обвинетиот побара збор и упати шокантно обвинување кон родителите:
„И вие треба да седите на обвинителна клупа затоа што сте ги пуштиле своите малолетни деца да одат во дискотека“, рече Ѓорѓиев.
Оваа изјава предизвика бурна реакција и експлозија од гнев кај родителите во делот за јавност. Следеа пцости и закани.
„Ќе те убијам!“ и „Ќе се видиме во Кочани, ќе те збришам на пешачки!“ – извикал еден од присутните родители, додека останатите гласно негодуваа.
Поради сериозно нарушување на редот, судијката Диана Груевска-Илиевска беше принудена да побара интервенција од судската полиција за да се смири состојбата и да се продолжи рочиштето.

