15 February, 2026

Исчезнала среде бел ден во населено место, повеќе од една година не е позната судбината на Злата Јанкова: Потресна исповед на сопругот Дејан

Повеќе од една година семејството Јанкови живее во неизвесност по исчезнувањето на Злата Јанкова, сопруга и мајка на две деца. Последен пат била видена кога тргнала кон домаќинските обврски, а сведок од соседството е последната личност што ја виделa.

Семејството изразува незадоволство од спроведувањето на истрагата, наведувајќи дека МВР ја започнало официјално осум дена по исчезнувањето, а клучни чекори, како лоцирање на нејзиниот мобилен телефон, не биле веднаш преземени.

Дејан, сопругот на исчезнатата Јанкова, вели дека не се сомнева дека Злата би си наштетила себе, зошто немале никакви семејни проблеми, ниту конфликти кои би ја навеле на таков чекор. Таа била посветена мајка на двајца синови и центарот на нејзиниот свет било токму семејството.

-30 години живеевме заедно со Злата, никогаш не сме имале несогласувања, заедно работевме и се боревме да ги изведеме двете деца на пат. Откако ја нема Злата, кај нас дома е сѐ запустено, владее молк и страв, низ солзи раскажува сопругот Дејан во разговор за „Женски магазин“.


Дејан се присетува и дека тој ден, кога Злата последно била видена, бил сосема вообичаен ден. По попладневниот одмор, тој заминал да работи на пластениците, додека Злата тргнала да оди накај дома, бидејќи ја чекале домаќински работи што требала да ги спреми, како мајка на два сина, била доста посветена на одржување на хигиената во домот, раскажува Дејан.

По нејзиното излегување од куќата, Злата била видена од една сосетка и тоа е последното нејзино појавување. Нејзиниот сопруг не знаеше дали сосетката е испитана во истрагата, но вели дека истрагата по Злата, официјално од страна на МВР е поведена дури 8 дена по исчезнувањето. За 8 дена, можело да се случи сѐ, дури и важни трагови за истрагата да бидат оштетени од временските прилики.

Од МВР информираат дека се преземени низа активности за пронаоѓање на Злата Јанкова: анкетирани се роднини, пријатели и соседи, извршени се прегледи на терен со кучиња и дрон, проверки на базни станици и телефонски броеви, прегледи на видеоснимки, полиграфско тестирање и меѓународна објава. Исто така, се направени увиди во простории и помошни објекти во село Орел, проверки на брани и напуштени куќи, како и оперативни проверки во такси компании.

МВР истакнува дека потрагата продолжува, но судбината на Злата останува непозната, што предизвикува голема неизвесност за семејството.