Иако рокот за исплата на повратот од мерката „МојДДВ“ за последниот квартал од 2025 година веќе помина, дел од граѓаните сè уште немаат добиено средства на своите трансакциски сметки.
Според информациите, повеќе од 526 илјади корисници требаше да добијат дел од платениот данок на додадена вредност. Иако значителен број граѓани веќе ја добиле исплатата, има и такви кои сè уште чекаат, што предизвика реакции и прашања во јавноста.
Од Управата за јавни приходи велат дека налозите за исплата се веќе испратени, додека од Министерството за финансии посочуваат дека сите налози кои пристигнале до нив биле реализирани. Сепак, и покрај овие информации, дел од граѓаните сè уште не гледаат средства на своите сметки.
Од Министерството објаснуваат дека исплатите се вршат во континуитет и зависат од тоа кога буџетските корисници ги доставуваат налозите до Трезорот. Според нивните податоци, сите пристигнати барања за поврат на „МојДДВ“ за четвртиот квартал од 2025 година се веќе исплатени, при што вкупната сума достигнала околу 919,2 милиони денари.
Системот „МојДДВ“ беше воведен во 2019 година и овозможува враќање на дел од данокот на додадена вредност за физичките лица. Исплатата се пресметува на квартално ниво, а средствата обично се префрлаат во рок од 60 дена по завршувањето на кварталот.
Според тие рокови, исплатата за последниот квартал од 2025 година требаше да се реализира најдоцна до 27 февруари. Ова е вторпат од воведувањето на системот да се појави доцнење во исплатата.
Преку апликацијата „МојДДВ“, граѓаните добиваат 15 проценти поврат од пресметаниот ДДВ од фискалните сметки што ги скенираат. Максималниот износ што може да се добие изнесува 2.100 денари по квартал, односно до 8.400 денари годишно.
Официјалните податоци покажуваат дека во текот на 2025 година преку оваа мерка на граѓаните им биле исплатени околу 3,47 милијарди денари, што е повеќе од 56 милиони евра.
Од Управата за јавни приходи потсетуваат дека во одредени случаи доцнењето може да биде поврзано и со неточни или неажурирани податоци за трансакциските сметки во апликацијата, па затоа ги повикуваат корисниците редовно да ги проверуваат и ажурираат своите информации.

