Дел од родителите од Карпош чии деца минуваат пред училиштето „Јахја Кемал“ на улица Варшавска реагираат поради небезбедниот пешачки премин.
Еден родител во фејсбук групата „Тафталиџе“ сведочи дека само за малку тој и неговиот син не биле прегазени од два автомобили.
Тој јавно се обрати и до градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски:
„Втор пат се обраќам за истиот проблем. Секое утро го носам син ми во школо, и буквално секое утро поминувањето на пешачкиот премин пред училиштето Јахја Кемал на ул. Варшавска е повеќе борба за живот отколку обично преминување улица. Утрово, за помалку од секунда, две коли ќе не прегазеа. Првата воопшто не закочи, иако мавтав со раце и таа нè виде, мене и детето, а втората излегуваше од паркингот на школото и едвај застана со шрипење на кочниците. Ве молам, соодветно обележете го преминот, поставете светлосна и звучна сигнализација, фенери над преминот и направете што е потребно. Ако ништо не превземете, ќе ве сметам за лично одговорни за што и да се случи понатаму.“
Родителот сподели и фотографии од таканаречената „црна сообраќајка точка“:
„Има еден знак за пешачки премин кој е оштетен и накосен и не се гледа. Од другата страна, од насока на Лондонска, нема никаков знак. Сигурен сум дека многу родители го имаат истиот проблем. Барам поддршка од сите комшии и жители на Тафталиџе, додека не е доцна!“

