Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и да не користат пиротехника во пресрет на новогодишните празници.
Од МВР посочуваат дека во услови на намалена видливост, сите учесници во сообраќајот треба да бидат крајно внимателни при управување со возила. Воедно, апелираат граѓаните да не седнуваат зад воланот доколку претходно конзумирале алкохол, особено во периодот на предновогодишни забави и семејни прослави.
Според податоците на СВР Скопје, во периодот од 15 до 20 декември 2025 година се евидентирани вкупно 53 сообраќајни незгоди. Сообраќајните контроли продолжуваат со засилен интензитет.
„Апелираме до учесниците во сообраќајот во целост да ги почитуваат правилата и прописите, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не управуваат возило под дејство на алкохол. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да се пријавуваат во полициска станица или на телефонските броеви 192 и 112“, изјави портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.
Од полицијата информираат и дека активностите за сузбивање на нелегалната употреба на пиротехника се континуирани, со засилена динамика во празничниот период.
„Петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да предизвикаат сериозни и трајни последици по здравјето, особено кај младите. Целта е да ја подигнеме свесноста и кај децата и кај нивните родители“, додаваат од МВР.

