15 February, 2026

За кого се носело запленетото нелегално оружје наменето за Македонија од Турција?

Значителна количина оружје и муниција е запленета на граничниот премин Капитан Андреево, при што случајот отвора сериозни прашања за тоа за кого била наменета пратката и со каква цел.

Службеници од Генералната дирекција за борба против организиран криминал (ГДБОК) и Царинската агенција на Бугарија заплениле три пушки, 20 гасни пиштоли и 5.750 куршуми во рамки на заедничка акција за спречување нелегална трговија со оружје, опасни и радиоактивни материјали, соопшти бугарското Министерство за внатрешни работи.

Камионот бил селектиран за инспекција и рендгенска контрола на 18 декември 2025 година. Возачот, државјанин на Северна Македонија, доставил документација за товарот и го паркирал возилото пред рендген-зоната, но потоа избегал од граничниот премин без дозвола, пред да завршат контролните процедури, што веднаш предизвикало сомнеж кај надлежните служби.

Една недела подоцна, на 24 декември, сопственикот на транспортната компанија се појавил на граничниот премин пред бугарските власти. Во негово присуство била извршена детална физичка контрола на камионот, при што биле пронајдени и запленети шест картонски кутии со оружје и муниција, скриени во товарниот простор.

За шверцуваните гасни пиштоли и муницијата е составен записник согласно Царинскиот закон, додека за нелегалниот транспорт на пушките, под надзор на Окружното обвинителство во Хасково, е покрената предистражна постапка.

Иако е утврдено дека нелегалното оружје било наменето за пласман на територијата на Република Северна Македонија, идентитетот на крајните примачи засега останува непознат. Надлежните истражуваат дали оружјето било наменето за организирани криминални групи, нелегалниот пазар или за поединци.

Македонската полиција, во тесна соработка со бугарските служби, спречи обид за нелегален транспорт на оружје од Турција преку Бугарија за нашата земја.

Акцијата се случила ноќта меѓу 24 и 25 декември на граничниот премин „Капитан Андреево“. При претрес на товарно возило „Волво“ со македонски регистарски ознаки, службениците пронашле три пушки, 20 пиштоли и 5.750 куршуми.