Лишен од слобода кичевец кој за да излезе порано од работа лажно пријавил дека има поставена бомба во РЕК „Осломеј“.
Како што информираат од МВР, ноќеска во 03:30 часот, полициски службеници од Полициското одделение Осломеј го лишиле од слобода Р.Б.(44) од Кичево, вработен во РЕК Осломеј. Тој, во 02:25 часот испратил порака на својот шеф со која го информирал дека, имал сознание дека во еден оддел во РЕК „Осломеј“ има поставена бомба.
По преземени мерки и извршени проверки со обезбедувањето, полициски службеници констатирале дека нема поставено бомба и се работи за лажно пријавување. По преземени мерки, Р.Б. бил пронајден во викенд куќа во кичевското село Осломеј и е лишен од слобода.
Притоа, тој признал дека е лажна пријавата и дека го измислил тоа за да може порано да си замине од работа.
„Р.Б. е задржан во Полициската станица Кичево и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, посочија од МВР.

