15 February, 2026

„За вас е обичен човек, за нас монструм“: Таткото на загинатата Надица во „Пулс“ со жестока реакција до адвокатката Коцевска

Александар Наунов, родител на Надица Наунова, која го загуби животот во трагедијата во „Пулс“, упати остра јавна реакција до адвокатката Коцевска, отфрлајќи ги нејзините тврдења дека била нападната и укажувајќи на, како што наведува, длабоко навредливите и болни изјави што таа ги дала за време на судскиот процес.

Реакцијата следува по изјавата на Коцевска, во која таа се пожали дека нејзиниот лик бил злоупотребен на постер за време на маршот за правда. Наунов нагласува дека семејствата на жртвите не ја нападнале лично, туку изразиле револт и болка преку мирен и достоинствен протест, оценувајќи дека нејзината јавна реакција претставува „потценување на интелигенцијата на јавноста“.

Обраќајќи ѝ се директно, Наунов потсетува на делови од судењето кои, според родителите, оставиле длабоки рани.

„Кога јавно зборувате за ‘сочувство и емпатија’, мора да ве потсетиме на вашите сопствени зборови. Рековте дека обвинетиот требало да одговара за ‘небрежност’, дека ‘немал свест’ за своите обврски и ја изговоривте најболната реченица: ‘За вас е тој монструм, за мене е обичен човек’. За нас, тоа не беше емпатија. Тоа беше суровост“, пишува Наунов.

Во однос на обвинувањата за злоупотреба на нејзиниот лик, Наунов наведува дека илустрацијата не упатувала на конкретна личност и дека многумина можеле да се препознаат во неа, но дека реакција дошла само од една страна.

„Ние, семејствата, никого не спомнавме по име, никого не нападнавме. Организиравме тивок марш – достоинствен чин на луѓе што бараат правда. Не штрајк, како што тврдите, и никако повик против адвокатурата“, стои во реакцијата.

Тој додава дека правото на одбрана е неспорно, но дека од правните застапници очекувале професионалност, мерка и почит кон траумата на родителите.

Наунов ја обвинува адвокатката дека ја релативизира одговорноста на обвинетиот, претставувајќи го како лице без свест за сопствените постапки, иако, како што наведува, фактите и доказите говорат спротивно.

„Станува збор за лице кое стои во центарот на нелегален, небезбеден и финансиски нерегулиран објект, кое поради профит ги игнорирало сите безбедносни стандарди и го заобиколувало законот преку мито и корупција, а вие се обидувате да го прикажете како човек што ‘немал свест’. Дали сте свесни колку е тоа сурово за нас – родителите чии деца таа вечер беа изгорени, задушени и згмечени?“, прашува Наунов.

Реакцијата завршува со пораката дека семејствата нема да дозволат вистината да се релативизира или „разводнува со спинови“ и дека нивната борба за правда, одговорност и достоинство ќе продолжи.