„Рома прес“ објави дека двајцата учесници на протестот во Битола, Рафет и Феим Мемишовски, вечерва се повикани на информативен разговор во полициска станица.
Тие пред три дена, за време на протестната блокада на патот Битола–Ресен, јавно упатија закани кон полицијата и државниот врв. Засега не е потврдено дали разговорот ќе биде исклучиво информативен или против нив ќе биде поведена итна постапка и ќе следуваат санкции.
Претходно, Рафет и Феим јавно им се извинија на претставниците на државниот врв за упатените закани.
Тие учествуваа на еден од неколкуте протести што неделава се одржаа во знак на незадоволство поради одземањето на автомобилите на лица кои управувале возила без положен возачки испит. Според важечките прописи, право да полагаат за возачка дозвола имаат само лица со завршено основно образование, што дел од граѓаните го оценуваат како дискриминаторска мерка.

