По наредбата од Гостиварскиот основен суд за присилно спроведување во затворот „Идризово“ на осудениот на 10 години затвор Ремзи Мифтари, виновен за катастрофалната сообраќајна несреќа кај Ласкарци кога загинаа 16 патници, полицијата се уште не може да го најде.
Мифтари требаше да оди во затвор уште во мај, но тетовската полиција не го нашла дома. На прашање дали е извесно дека и Ремзи Мифтари избега од Македонија за да го избегне издржувањето на затворската казна за големата трагедија, оттаму рекоа дека граничните премини известиле оти ова лице не ја напуштило државата и поради тоа се смета дека се крие негде внатре. Дома не е, се врши потрага по него на повеќе локации.
„Наредбата за присилно спроведување ја дадов пред 3-4 дена. Уште немам известување ни од МВР, ни од КПУ ‘Идризово’ дека осудениот е најден и спроведен во затворот на издржување на казната“, изјавил за САКАМДАКАЖАМ.МК надлежниот судија за санкции во ОС Гостивар.
Мифтари, одговорен за превозот во компанијата „Дурмо турс“, заедно со сопственикот Дурмиш Белули, беше осуден на по 10 години затвор за несреќата кај Ласкарци, кога неисправен автобус полн со патници излета од патот. Во оваа трагедија загинаа 16 лица, а околу 30 беа повредени, дел со трајни последици.

