1 December, 2025

Д-р Пановски: Не верувам дека труењето настанало поради млекото, најверојатно е од месото

Околу 40 ученици од Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае во Општина карпош се пожалиле на стомачни болки, соопшти денеска Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Мета.мк контактираше и со микробиологот Никола Пановски, кој рече дека најверојатно труењето кај децата настанало поради месото во мусаката.

„Не верувам дека труењето настанало поради млекото. И да имало едно расипано тетрапак млеко, од него би се затруле 5-6 деца, но не 40 и повеќе. Ако сепак причинител е храна, најверојатно се работи за ендотоксин кој го има во месото, но нека покаже анализата на надлежните за што точно се работи. Иако термички обработени, најверојатно останала некоја бактерија, иако бактериите во принцип се распаѓаат при печење. Ако се работи за труење со салмонела, симптоми ќе имаа за 2-3 дена а не веднаш, како што се случило“, смета Пановски.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат освен затворање на кујната во училиштето „Димо Хаџи Димов“ во Влае како потенцијален извор на зараза, нареди и вонредно чистење и вонредни здравствени прегледи на вработените во училиштето.

Од Институтот за јавно здравје најавија дека првичните информации за тоа што се случило и зошто децата добиле стомачни проблеми ќе се знаат утре.

Директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов попладнево за МИА изјави дека кујната е затворена, како потенцијален извор на зараза, а издадено е решение за забрана за работа, во кое се наложуваат и мерки кои треба да ги преземе операторот, односно вонредно чистење, вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена институција и спроведување вонредни здравствено-хигиенски мерки за вработените.