Пожарот во бар во скијачкиот центар Кран-Монтана однесе 40 човечки животи, од кои речиси половината биле малолетници. Меѓу жртвите се и две сестри, Алисија и Дијана, чија судбина заврши трагично, како и српскиот државјанин Стефан Ивановиќ, кој херојски се обидел да спаси деца.
Швајцарските власти идентификуваа 40 жртви од стравичниот пожар што избувна на 1 јануари околу 1:30 часот по полноќ, за време на прославата на Новата година, во бар во луксузниот швајцарски ски-центар Кран-Монтана. Речиси половина од загинатите се малолетници, а меѓу нив се и две родени сестри.
Министерството за надворешни работи се огласи по повод трагичната смрт на Стефан Ивановиќ во Швајцарија, нагласувајќи дека „неговата храброст ќе остане трајно сеќавање и пример за вистинска хуманост“.
Вечерта која требаше да биде во знакот на славење, забава и дружење, се претвори во катастрофа од невидени размери. Додека младите го славеле дочекот на Новата година во барот, избувнал пожар, за кој се сомнева дека бил предизвикан од употреба на пиротехнички прскалки на шишиња шампањ.
Искрите го запалиле плафонот, а огнот со голема брзина се проширил низ објектот, при што загинале 40 лица, а повеќе од 100 биле повредени.
Станува збор за хорор каков што Швајцарија не памети. Во неделата навечер, швајцарските власти соопштија дека се идентификувани сите жртви, од кои 22 се швајцарски државјани.
Меѓу загинатите се и двете родени сестри Алисија (15) и Дијана Ганст (14) од регионот на Лозана. Девојчињата потекнувале од италијанско-еврејско семејство, биле членки на еврејската заедница и важеле за исклучително блиски.
Во неделата наутро, медиумот „Tachles online“ објави дека двете сестри, кои првично биле пријавени како исчезнати, се идентификувани, со што деновите на неизвесност трагично завршиле.
Во деновите по трагедијата, семејството сè уште се надевало дека барем едно од девојчињата е спасено. Алисија и Дијана првично биле водени како исчезнати, а дури по опсежните напори за идентификација, семејството добило потврда дека и двете загинале во пожарот.
Веста брзо се проширила во еврејската заедница во западна Швајцарија и пошироко. Сочувства пристигнувале од цела Швајцарија, Италија и Израел. Долгиот период на неизвесност, во кој надежта и очајот биле испреплетени, бил особено тежок за семејството и пријателите.

