4 March, 2026

„Детето се тресеше во моите раце“ – сведок за насилството во Ѓорче Петров кога Јовановски ја тепаше Ивана

На 19 декември 2025 година, Стојанче Јовановски, кој сега е осомничен за наведување на сопругата на самоубиство, физички ја нападнал Ивана Јовановска во парк во Ѓорче Петров, пред очите на нивното малолетно дете. Настанот го посведочила Ивана Белчева, активистка против семејно насилство, која за Слободен печат ја раскажа својата потресна приказна.

По нејзината пријава, на полицијата ѝ биле потребни 45 дена за да го извести Центарот за социјални работи – Скопје за настанот.

Во продолжение, целосната изјава на Белчева:

„Се надевав дека од социјалните служби уште истиот ден социјален работник е кај нив дома, бидејќи детето не може да биде во таква средина. Ако тоа го гледаме на улица, замислете што се случува дома. Сега знаеме што се случувало дома, ама само замислете што сè тоа девојче преживувало.

Проблемот беше што малото девојче многу викаше. Звукот на девојчето до ден денешен не можам да го заборавам. Тој звук ме натера да се вратам заедно со уште една жена која беше во паркот. Како што се приближивме до нив, мажот ја удри жената. Девојчето почна да вика по мајка ѝ. Го земав девојчето во прегратка, ја гушкав, ѝ кажав дека сè ќе биде во ред. Никој не го забележа девојчето. Девојчето постојано се тресеше.“