15 February, 2026

Дали судницата се претвори во „Струшки вечери на поезијата“, прашаа родителите на загинатите деца на денешниот марш во Кочани

Родителите и блиските на загинатите во трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“ денеска повторно излегоа на протестен марш во Кочани. „Маршот за ангелите“ започна во 14:05 часот, а колоната тргна од Паркот на револуцијата, помина низ централното градско подрачје, покрај Управата за јавни приходи и полициската станица, и заврши пред Основниот суд, каде родителите уште еднаш ги повторија своите барања за правда и одговорност.

Тие посочија дека очекуваат судење базирано на факти, а не, како што рекоа, на поетски метафори и реторика.

„Дали судницата се претвори во Струшки вечери на поезијата? Дали таму се оди за рецитирање или за вистина? Дали зборовите треба да ја покријат смртта на нашите деца? Според тоа што го слушаме, може да се помисли дека деца не загинале, дека пожар немало, дека никој не е виновен, дека трагедијата била случајна. Но вистината е сурова – нашите деца изгореа живи, во чад и паника, со крикови кои никој на време не ги слушна“, рече Александар Наунов, родител на девојка загината во „Пулс“.

Тој потсети дека Обвинителството поседува повеќе од 200 гигабајти доказен материјал – снимки, разговори, извештаи, вештачења и анализи.

„Тоа се факти, не празни зборови. Тоа се траги на одлуките и неодлуките, тоа е патот до одговорноста. А уште слушаме тврдења дека никој не е виновен – па дури и дека некој од обвинетите не знаел дека постоела дискотека, или дека институциите немале надлежност“, додаде Наунов.

Родителите најавија дека маршевите ќе продолжат и дека ќе го следат секое рочиште, „сè додека правдата не излезе на виделина“.

„Овој марш е за државата да почне да функционира, за институциите да не бидат празна форма, а функциите – само плата, туку и обврска“, истакна тој.

Во тек е судската постапка за пожарот во „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Сите 35 обвинети физички лица се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, а обвинетите компании ги отфрлаат наводите во обвинението.