Дваесет и петгодишникот кој е под истрага за сериски убиства во Старо Нагоричане, пред да бидат откриени сомнежите дека силувал и задушувал немоќни жени, а и пред да биде лишен од слобода, извршил и кражба на товарно моторно возило – пикап или помало комбе.
Пресуден момент за неговото апсење бил неуспешниот обид, пред две недели, среде бел ден, да ја задуши 86-годишната Росанка Трајковска, ставајќи ќебиња врз нејзината глава. Нападот го пријавил нејзиниот син.
Претходно немало индиции дека осомничениот напаѓал или убивал. На полицијата ѝ бил познат по кражби – со употреба на сила или со обивање влегувал во дворови на куќи и фирми. Во кривичната пријава се наведува дека не станува збор само за ситни кражби.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Т.Б. (25) од Општина Старо Нагоричане поради основано сомнение дека сторил две тешки кражби по член 236 – од деловен објект и приватен имот, како и кражба по член 235 од товарно моторно возило.
По пријавениот настан на 9 февруари 2026 година за физички напад врз Р.Т. (86) во селото Челопек, Т.Б. бил лишен од слобода, информираа од Министерство за внатрешни работи.

