Повеќе од 15 држави издадоа итни препораки до своите граѓани да го напуштат Иран, повикувајќи се на зголемен безбедносен ризик и можност од ескалација на состојбата на Блискиот Исток. Информациите се пласирани преку дипломатски канали и официјални служби за надворешни работи, а дел од нив вклучуваат и повлекување на дипломатски персонал.
Според јавно достапните информации, меѓу земјите кои упатиле препораки за напуштање на Иран се Австралија, Бразил, Канада, Кина, Германија, Индија, Србија, Обединетото Кралство и САД. Дел од државите советуваат итно заминување преку комерцијални линии, додека други препорачуваат избегнување на патувања и користење копнени рути кон соседни земји, меѓу кои Ерменија и Турција.
Во дел од препораките се нагласува дека станува збор за вонредна безбедносна проценка, а не за рутински совет за патување. Британските власти, според објавените информации, веќе повлекле дел од дипломатскиот персонал поради влошената безбедносна состојба.
Паралелно со дипломатските сигнали, на платформите за предвидувачки пазари се бележи пораст на веројатноста за евентуален воен удар врз Иран. На Polymarket, во рамки на пазарот „US strikes Iran by…?“, корисниците проценуваат зголемена веројатност за американска воена акција до крајот на годината. Иако ваквите пазари не претставуваат официјални разузнавачки проценки, тие често ја одразуваат перцепцијата на ризик во јавноста и меѓу инвеститорите.
На официјалните европски мапи за патнички препораки, Иран и делови од поширокиот регион се означени со највисок степен на предупредување, што подразбира „не патувај“. Овие класификации се темелат на процени за политичка нестабилност, безбедносни закани и можност од вооружен конфликт.
Засега нема официјална потврда за непосредна воена операција, но синхронизираните дипломатски чекори – препораки за евакуација, повлекување персонал и јавно подигнување на безбедносното ниво – укажуваат дека бројни влади ја третираат ситуацијата како потенцијално нестабилна и непредвидлива. Развојот на настаните во наредниот период ќе покаже дали станува збор за превентивна мерка или за најава на поширок безбедносен пресврт во регионот

