„И за прашањето со пензиите Европскиот суд за човекови права во Стразбур повеќепати има донесено ставови – пензиите ги третира како сопственост, согласно член 1, протокол 1 од Европската конвенција за човекови права“, изјави вечерва уставната судијка Добрила Кацарска во емисијата „Директно“ на Телма.
Таа додаде дека премиерот бил погрешно информиран во врска со наводното конечно решение за исплатата на додатокот од 5.000 денари на пензионерите.
„Би сакала да нагласам – некој му дава неточни информации на премиерот. Дали намерно или не, не можам да кажам, но тој јавно излезе со став дека конечната одлука е потпишана и дека пензионерите ќе треба да ги враќаат тие средства. Премиерот по професија не е правник и сосема е разбирливо да не ја познава детално судската постапка, но останува прашањето – кој го довел во заблуда? Дали тоа е некој од Уставниот суд или негов советник – не знам. Тој треба да се запраша од кого дошла таа лажна информација дека решението е конечено“, порача Кацарска.

