Новиот систем за контрола на сообраќајот „Безбеден град“ веќе предизвикува револт кај дел од возачите во Скопје.
На социјалните мрежи и во групите за споделување сообраќајни информации се појавуваат бројни сведоштва за наводни технички грешки на радарите, при што граѓаните тврдат дека добиваат казни за нереално високи брзини.
Во една од популарните Вибер-групи за информирање на возачите, корисник сподели дека на клучката кај населбата Ченто кон Хиподром, иако управувал камион со брзина од околу 50 километри на час, добил записник во кој е наведено дека се движел со дури 99 километри на час.
„Внимание, утрово во 6:58 часот на клучката кај Ченто… возев 50 км/ч (со камион), а ми пристигна записник дека сум возел 99 км/ч. Не е прв пат“, стои во објавата што предизвика бурни реакции меѓу возачите.
По серијата поплаки за неточни податоци и проблеми со известувањата, Министерството за внатрешни работи (МВР) излезе со официјално соопштение. Од 17 декември, граѓаните ќе можат директно да ги пријавуваат ваквите неправилности со цел нивно навремено разгледување и корекција.

