Пред судот сведочеше гитаристот Горан Тонев, единствениот преживеан член на бендот ДНК, заедно со придружниот вокал Ана Костадовска, која сведочеше претходно. Тонев се појави со видливи изгореници на лицето и вратот, последица од пожарот.
Според неговото сведочење, клавијатуристот Филип Стевановски бил задолжен за организација на музичарите – ги информирал каде и кога да пристигнат и ги координирал настапите.
Тонев посочи дека вечерта на 16 март пристигнал во објектот околу 22 часот заедно со тапанарот Ѓоко Ѓорѓиев. За време на техничката проба не забележал поставување пиротехника, но по враќањето на сцената таа веќе била поставена. „И претходно понекогаш се користеа вакви пиротехнички средства“, изјави тој, додавајќи дека при пристигнувањето имало лица од персоналот и луѓе кои поставувале бинска и звучна опрема, но тие не биле дел од бендот.
Тонев нагласи дека никој официјално не ги пречекал и не му е познато со кого членовите на бендот договарале детали за настапот. За време на настапите, тој секогаш се наоѓал во задниот дел на бината, додека пиротехниката била во предниот дел.
Според сведочењето, пожарот започнал директно над сцената. „Се симнав по скалите и се упатив кон вратата. Од горе капеа жешки капки, беше екстремно топло, чадот беше густ и не можев да дишам“, изјави Тонев. Материјалот на таванот, кој наликувал на брановидни сунѓери како во музичките студија, почнал да се топи, предизвикувајќи дел од повредите.
Гитаристот се здобил со изгореници на дишните патишта, десното уво, десната рака, лицето и грбот. Поради сериозноста на повредите, бил лекуван во Солун и сè уште не е во можност да се врати на работа. Во однос на пиротехниката, Тонев изјави дека претходно го видел Мартин како ја поместува, но критичната вечер не забележал кој ја поставувал.

