Дурмиш Белули, газдата на „Дурмо турс“ и правосилно осуден за трагедијата кај Ласкарци, наместо да се појави во Идризово за издржување на десетгодишната затворска казна, бил сместен во Клиничката болница во Тетово. Повторно поднел барање за одложување на казната, наведувајќи дека има закажана операција.
Белули бил хоспитализиран во болницата во Тетово, каде денеска требало да му биде извршена операција на вториот тестис, по претходна интервенција за кила изведена пред два месеца.
Пред него, и шефот на возниот парк на компанијата, Ремзи Мифтари, побарал одложување на затворската казна поради операција на кила. Меѓутоа, тој потоа избегал и сега е баран со потерница.
Трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци се случи во 2019 година, при што загинаа 16 патници, а над 30 беа повредени.

