Дурмиш Белули до Судот доставил лекарско уверение од специјалист, во кое се наведува дека по операцијата извршена на 1 декември му е потребно постоперативно мирување од 20 до 30 дена.
Белули, сопственик на транспортната компанија „Дурмо турс“ од Гостивар, осуден на 10 години затвор за трагедијата кај Ласкарци во која загинаа 16 лица, бара ново одложување на заминувањето на издржување на казната во затворот „Идризово“.
Судијата Ќирко Михајлоски за „Телма“ изјави дека во петокот до Основниот суд во Гостивар пристигнало барање, придружено со извештај од лекар-специјалист, според кој на Белули му е неопходен одмор од најмалку 20 до 30 дена по операцијата.
Михајлоски најави дека утре повторно ќе побара изјава од докторот што го оперирал Белули од кила на тестис во тетовската болница, по што ќе донесе одлука пред истекот на рокот до кој осудениот треба да се јави во „Идризово“, најдоцна до 15 часот утре.
Второобвинетиот Ремзи Мифтари, раководител на возниот парк во „Дурмо турс“, е во бегство и по него е распишана потерница, откако не се појави на издржување на 10-годишната затворска казна. И тој претходно го одложуваше заминувањето во затвор поради оперативен зафат.
Трагедијата се случи во 2019 година, кога автобус на „Дурмо турс“ кај селото Ласкарци излета од патот, при што загинаа 16 лица, а над 30 беа повредени.

