Газдата на барот што изгоре во Швајцарија ослободен со кауција од 200.000 швајцарски франци
Сопственикот на барот „Le Constellation“ во Швајцарија, кој изгоре за Нова година при што загинаа 40 лица, ќе биде пуштен на слобода по уплата на кауција од 200.000 швајцарски франци, соопшти надлежниот суд.
Тој и неговата сопруга се под истрага за убиство од небрежност и други кривични дела, а како мерки за спречување бегство им е одредена и обврска за секојдневно јавување во полиција. Сопственикот беше приведен на 9 јануари поради опасност од бегство.
Швајцарското обвинителство информира дека двајцата осомничени се сослушувани повеќе од десет часа, при што биле разгледувани прашања поврзани со безбедноста и преуредувањето на објектот, а во рамки на истрагата биле извршени и претреси и запленет имот.

