14 February, 2026

Во проектот за „,мозоци во САД“ учествувале психијатриските болници во Бардовци, Демир Хисар и Негорци: што покажуваат документите?

Годишниот извештај за 2004/2005 година на Одделот за психијатрија при Универзитетот Колумбија во САД открива дека во научни истражувања биле вклучени и повеќе институции од Северна Македонија. Во проектите соработувале и македонските професори по судска медицина Алексеј Дума и Горазд Росоклија, пишува Слободен печат.

Во извештајот, пронајден од „Слободен печат“, како еден од клучните проекти е наведен истражувачкиот фокус на структурни абнормалности на дендритите кај шизофренија и нарушувања на расположението.

Понатаму се наведува и проект за невропатолошки корелации на деменција и шизофренија, кој вклучувал собирање мозочно ткиво и клинички податоци од обдукции на психијатриски пациенти и случаи на самоубиства во Македонија.

Во проектот биле вклучени Институтот за судска медицина, Психијатриската болница Скопје (Бардовци), болниците во Демир Хисар и Негорци, како и Медицинскиот факултет во Скопје. Не е прецизирана улогата на секоја од институциите.

Во извештајот се наведува дека американскиот научник Ендру Џеј Диворк, коавтор со македонските експерти, ги проучувал невропатолошките карактеристики на шизофренијата и деменцијата кај постари пациенти.

Јавно достапни научни трудови покажуваат дека македонски и американски истражувачи заеднички развиле нов метод за пребојување на мозочно ткиво, наречен „нео-Голџи“, објавен во 2013 година.

Во трудот се наведува дека биле анализирани 220 примероци од мозочно ткиво од повеќе од 175 случаи на човечки обдукции, со различни причини за смрт, вклучувајќи самоубиства, несреќи и болести.

Не е целосно јасно дали сите ткива потекнувале од Македонија или од САД, бидејќи збирката е наведена како заедничка. Соработките меѓу институциите не се детално објавени на официјалните веб-страници.

Професорот Росоклија изјави дека станувало збор за грант-проект потпишан во 1996 година, со сите потребни етички одобренија и писмени согласности од семејствата на починатите за користење на ткивата исклучиво за научни цели.

Од друга страна, поранешната новинарка Менче Точи изјави дека во минатото истражувала за испраќањето мозочно ткиво во САД, но се откажала од објавување поради, како што тврди, притисоци. Професорите вклучени во проектот, пак, категорично негираат какви било незаконитости и тврдат дека сè било спроведено според етичките и правните стандарди.