15 February, 2026

Во пожар во Тетово загина познатиот наставник Обрад Стојановиќ – синот повреден додека се обидувал да го спаси

Тешка трагедија ја потресе тетовската населба Блок 70, откако синоќа (13 јануари) избувнал пожар во стан на улицата „180“, при што животот го загуби 76-годишниот Обрад Стојановиќ, долгогодишен просветен работник и истакнат општествен деец од Тетово.

Во обид да го спаси својот татко и да го изгаси огнот, тешко бил повреден неговиот 51-годишен син, М.С., кој се здобил со изгореници и веднаш бил пренесен со Итна медицинска помош во Клиничката болница во Тетово.

Пожарот бил пријавен во Територијалната противпожарна единица во 19:05 часот. При пристигнувањето на пожарникарските екипи, од станот излегувал густ чад, а огнот веќе бил зафатил дел од просториите.

При влегувањето во опожарениот стан, пожарникарите го пронашле безживотното тело на сопственикот. И покрај брзата интервенција, за Стојановиќ немало спас.

Причините за пожарот засега не се познати и се предмет на истрага.

Со смртта на Обрад Стојановиќ, Тетово изгуби човек кој децении наназад остави длабока трага во образованието и општествениот живот на градот.

Тој цели 42 години работеше како наставник по практична настава во Средното текстилно училиште „Ѓоце Стојчевски-Амбарче“, каде беше познат како посветен педагог и воспитувач на бројни генерации ученици.

Покрај професионалната кариера, Стојановиќ беше активен и како еден од основачите и прв претседател на Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово.

Од СВР Тетово го потврдија трагичниот настан:

„На 13.01.2026 во 19:20 часот во СВР Тетово е пријавено дека на улица ‘180’ во Тетово настанал пожар во стан, сопственост на О.С. (76) од Тетово, кој починал на местото. Со изгореници се здобил неговиот син М.С. (51) од Тетово при обид да го изгаси огнот. Извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа на СВР Тетово“, се наведува во полицискиот билтен.