14 February, 2026

ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО: Комбе се распарчи во страшен судир со камион, загинаа седум навивачи на ПАОК

Грција денеска е завиена во црно по трагичната сообраќајна несреќа што се случи во Романија, во која животот го загубија седум навивачи на ПАОК. Уште три лица се повредени, од кои едно се наоѓа во критична состојба.

Навивачите биле на пат кон Франција, каде што требало да го следат натпреварот од Лигата на Европа против Лион, но нивното патување трагично завршило на околу 80 километри од српската граница.

Несреќата се случила во близина на градот Лугој, во околината на Темишвар, кога комбето во кое се превезувале навивачите се обидело да изврши претекнување. Според достапните информации и видеоснимката од местото на настанот, возачот во моментот на претекнувањето изгубил контрола над возилото и директно се судрил со камион кој се движел во спротивната лента.

Од ударот, комбето целосно било уништено, а последиците биле фатални за седуммина патници.