15 February, 2026

(Видео) Kоњ се струполи од изнемоштеност во скопско Маџари, сопствениците насилно го влечат да стане

Скопјанка пренесува сведоштво за потресен и немил настан што денеска се случил во населбата Маџари, во близина на пругите. Глетката на која присуствувале случајни минувачи ја отсликува суровата реалност со која се соочуваат животните што се користат за влечење запрежни коли, објави 4news.mk.

Според сведоштвото, постар човек кој управувал со запрежна кола, придружуван од жена и дете, со жестоко удирање и викање го принудувал коњот да трча побрзо. Под притисок на ударите и брзината, животното во еден момент се сопнало или се лизнало и се струполило на земја.

„Беше пресурова и тажна слика“, вели скопјанката која го пријавила случајот. Наместо да му укаже помош, сопственикот продолжил да вика по животното. Иако тројцата се обидувале да го кренат, коњот бил видно повреден, со рани на нозете и не можел да застане на нозе.