14 February, 2026

ВИДЕО | Возач на „Мерцедес“ од Македонија ќе прегазеше полицајци, стисна гас на граница и избега – го фатиле во Албанија

На граничниот премин „Блато“ на македонско-албанската граница, кај Дебар, вчера се случил инцидент кога македонски државјанин одбил полициска контрола и се обидел да избега со возилото, при што ги загрозил животите на албанските полицајци.

Лицето било приведено на албанска територија, соопшти албанската полиција, која објави и видео-снимка од инцидентот.

„Вчера околу 17:20 часот, лицето Г.К. (42), државјанин на Република Северна Македонија, при влез на албанска територија со патничко возило марка ‘Мерцедес’, било упатено да премине на втората линија за детална проверка заедно со возилото. Тој го одбил барањето на полициските службеници и се обидел да избега, при што ги загрозил нивните животи. Лицето е фатено и уапсено“, се наведува во соопштението.

Од полицијата додаваат дека осомничениот ќе одговара за кривичните дела „спротивставување на службено лице при вршење должност“ и „нелегално преминување на државна граница“, а возилото му е привремено одземено.

Материјалите за случајот се доставени до Обвинителството при Основниот суд од општа надлежност во Пешкопеја, кое ќе постапува понатаму.