15 February, 2026

Вандализам во Штип: Исечени новогодишни сијалици, уништени садници – градоначалникот Јорданов остро реагира

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, реагираше поради серијата вандализми во урбаните делови на општината.

„Во изминатите денови сме сведоци на слики што никој не сака да ги види: исечени новогодишни сијалици, уништени садници и оштетена урбана опрема во централното градско подрачје. Овие девијантни однесувања не се само вандализам, туку директен удар врз заедничкото добро, трудот и вложувањето на Општина Штип и врз сликата на нашиот град“, рече Јорданов.

Како градоначалник, тој упати остар апел до СВР Штип за преземање соодветни мерки и санкции кон сите кои свесно го нарушуваат јавниот ред и имот.

„Таквото однесување не само што ја загрозува безбедноста, туку ја понижува заедницата која секојдневно се труди да гради поубав и поуреден Штип. Во исто време, упатувам молба до сите граѓани: нашиот град може да биде таков каков што го посакуваме само ако секој од нас покаже свест, грижа и одговорност. Само заеднички можеме да го сочуваме јавниот простор, да ги заштитиме инвестициите и да создадеме средина во која сите ќе се гордееме да живееме“, додаде Јорданов.

Тој ги повика штипјани да бидат внимателни, да реагираат кога ќе забележат уништување и да покажат грижа за заедничкото.

„Нашиот град е наш дом и наша должност е да го чуваме“, заклучи градоначалникот.