1 December, 2025

Бремена докторка го изгуби бебето поради стрес по отказ во болницата во Струга

Психолог од ЈЗУ Општа болница Струга, магистер по специјална едукација, била отпуштена од работното место веднаш штом соопштила дека е бремена.

Од силен стрес поради непродолжување на договорот, во 27-та гестациска недела таа го изгубила бебето, пренесува порталот СДК.

Според информациите кои ги споделуваат се вели дека на нејзино место биле вработени нови лица, вклучително и нов психолог, што Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го оценила како директна интерсекциска дискриминација.

Жената во пријавата навела дека бременоста била здравствено уредна и без ризици, а стресот од загубата на работата ја довел до трагичниот исход.

Комисијата, пренесува СДК, посочува дека бремените жени уживаат посебна законска заштита и дека случајот претставува сериозно прекршување на нивните права, како и на Уставот кој ги гарантира еднаквите права за сите граѓани.

Ова е еден од потешките случаи на утврдена директна, повеќекратна, повторена и продолжена дискриминација, врз основа на повеќе основи. Со оваа одлука избрканата бремена жена која од стрес го изгубила плодот во 7 месец од бременоста, може да поднесе пријави и тужба до надлежните органи.