Поранешната специјална јавна обвинителка Вилма Русковска го пријавила Бојан Јовановски – Боки 13 во полиција за телефонско вознемирување, откако тој, во текот на вчерашната вечер, додека бил вклучен во живо на „Јутјуб“, во повеќе наврати ѝ се јавувал на мобилниот телефон.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека постапуваат по пријавата.
„На 18.12.2025 година во 22:30 часот во СВР Скопје, В.Р. пријавила дека била телефонски вознемирена од страна на Б.Ј.“, информираат од МВР.
По пријавата, Јовановски се огласи со став дека станува збор за неоснована и лажна пријава. Тој наведува дека има право јавно да поставува прашања од интерес за јавноста и дека неговите постапки не ги смета за вознемирување.
„Ова е обид за цензура и класично заплашување. Многу е поважно Вилма Русковска да одговори за нејзината поврзаност со Феми Стафа во времето на нејзиниот мандат. Во недостаток на аргументи, таа пријавува во полиција“, изјави Јовановски, додавајќи дека и понатаму ќе ја контактира за коментар кога тоа ќе го смета за оправдано, пишува Скопје 1.
Инаку, Јовановски и претходно во живо ја контактираше Русковска, барајќи одговори за случајот „Рекет“, во кој тој беше осуден, како и за настаните од 27 април, при што видеото од разговорот стана вирално на социјалните мрежи.

