2 March, 2026

Битолчани уапсени во Австралија – едниот како бербер продавал кокаин на клиенти во салон, другиот со марихуана во неговиот дом

Австралиската полиција уапси 35-годишен сопственик на берберница на Barkly Street во St Kilda, под сомнение дека од својот салон продавал кокаин и други наркотични супстанци на клиенти.

Според австралиските медиуми, акцијата била спроведена по повеќемесечна истрага, а детективите извршиле претрес и во неговиот стан, како и во самиот салон. При рацијата биле пронајдени и запленети сомнителни количини наркотични средства.

Истата операција опфатила и претрес на друг објект во St Albans, каде биле пронајдени над 100 растенија марихуана. Уапсено е уште едно лице кое се сомничи дека е дел од поширока мрежа за трговија со дрога.

Полицијата на Викторија соопшти дека салонскиот бизнис бил користен како прикритие за нелегална продажба, а истрагата продолжува со цел целосно разбивање на мрежата.

Осомничениот бербер се соочува со сериозни обвиненија за трговија со кокаин и други наркотични средства. Тој е пуштен под кауција, а судското рочиште е закажано за септември.

Австралиските власти најавуваат засилени контроли и нови акции во рамки на борбата против дрогата во регионот St Kilda, кој во изминатите две години бележи зголемен број обвиненија поврзани со наркотични супстанци.