Лидерот на политичката партија Достоинство и бранител од конфликтот во 2001 година, Стојанче Ангелов, остро реагираше во пресрет на денешниот протест што го најави ДУИ во поддршка на поранешни припадници на УЧК.
Во објава на својот Фејсбук профил, Ангелов порача дека сите припадници на УЧК кои извршиле воени злосторства мора да одговараат согласно меѓународното право, без разлика каде и кога тие злосторства биле сторени. Тој нагласи дека ова важи и за лицата кои, како што наведува, извршиле злосторства на територијата на Македонија во 2001 година, оценувајќи дека е апсурдно да се бара ослободување на осомничени, обвинети или осудени лица за дела опфатени со меѓународното хуманитарно право.
Ангелов истакна дека воените злосторства не смеат да се релативизираат ниту да се користат за политички цели.
Во продолжение на објавата, тој ја проблематизира политичката позадина на најавениот протест, тврдејќи дека вистинската цел на Али Ахмети и ДУИ е создавање меѓуетнички тензии со цел партијата повторно да се врати на власт. Според него, протестот нема реално да влијае врз одлуките на Специјализираниот суд во Хаг, што, како што посочува, отвора сериозно прашање за скриената агенда зад неговото организирање.
Ангелов се запраша зошто протестот се одржува токму во Скопје и дали станува збор за спонтан настан или за внимателно осмислено сценарио насочено кон напад врз актуелната власт, владејачката коалиција и премиерот Христијан Мицкоски.
Тој оцени дека протестот може да претставува перфиден обид за ослабување на власта, ставајќи го и албанскиот коалиционен партнер во незавидна позиција – доколку не учествува, се зајакнува ДУИ, а доколку учествува, се отвора простор за политичка нестабилност.
Според Ангелов, можноста за разгорување на меѓуетничка нетрпеливост и дополнително нарушување на и онака кревката меѓуетничка доверба претставува „бонус“ за ДУИ, што, како што заклучува, покажува дека протестот е повеќе политичка алатка отколку искрена борба за правда.

