Институтот „Биосенс“ во Нови Сад утре ќе отвори амфитеатар што ќе го носи името на научникот Васко Саздовски, кој го загуби животот при падот на бетонската настрешница на железничката станица во градот на 1 ноември 2024 година.
Од Институтот информираат дека Саздовски докторирал на Универзитетот Кренфилд во Велика Британија и зад себе имал повеќе од две децении богата кариера во областа на роботиката и автономните системи. Работел во научни институции во Македонија, Германија и Хрватска, а подоцна и во Институтот „Биосенс“, каде што беше виш истражувач во Центарот за сензорски технологии, ангажиран во рамки на проектот ANTARES.
„Покрај неговите исклучителни професионални достигнувања, Саздовски беше познат по својата љубезност, дарежливост и посветеност кон студентите и колегите. Со именувањето на амфитеатарот по него, колективот го негува споменот на исклучителна личност, колега и соработник и ги зачувува вредностите на кои беше посветен – знаење, посветеност и човечност“, се наведува во соопштението.
Васко Саздовски (1979–2024) остави значаен траг во научната заедница, а овој чин претставува трајно признание за неговиот професионален и човечки придонес.

