14 February, 2026

Адвокатката на газда Деко од „Пулс“ бара надлежните да реагираат откако родителите на загинатите деца ја ставија на транспарент

Адвокатката Ивана Коцевска, бранител на прво- и третообвинетиот во судскиот процес „Пулс“, денеска излезе со јавна реакција поради, како што наведува, злоупотреба на нејзиниот лик на транспарентите што ги носеа учесниците на денешниот „Марш на ангелите“ во Кочани.

На еден од транспарентите, Коцевска е прикажана со куфери со пари како заминува во „светот на покојниците“, при што лик на ѓавол пред портите на пеколот ѝ порачува дека таму парите не ѝ се потребни.

Во писмената реакција, која ја објави во целост, Коцевска наведува дека досега се воздржувала од јавни настапи „од емпатија и сочувство кон болката на родителите на починатите“, но дека по последните настани повеќе не може да молчи.

„Откако јавно беше изразен револт поради мојата покрената кривична постапка за вандализмот што се случи на 17 март 2025 година од страна на одредени непознати лица, кои, и покрај оправдувањата, согласно законот подлежат на одговорност, немам повеќе простор за воздржување“, наведува Коцевска.

Таа смета дека со организирањето на маршот, на кој нејзиниот лик бил фотомонтиран „во небулозна форма“, не е нарушен само нејзиниот личен углед, туку и угледот на адвокатската професија во целина.

„Со ова се загрозува интегритетот и достоинството на сите адвокати како носители на правната заштита и владеењето на правото. Апелирам сите надлежни институции да реагираат“, стои во реакцијата на Коцевска.