1 December, 2025

Адвокатите нас повторно нѐ убија, со крвави пари ќе се вратат дома – рече мајката на загинатиот Андреј Лазаров

Васка Лазарова, мајката на трагично загинатиот млад фудбалер Андреј Лазаров, зборуваше за револтот кон адвокатите по првото судско рочиште за трагедијата во дискотеката „Пулс“. Таа раскажа и дека нејзиниот син не успеала да го види пред трагедијата, бидејќи бил фудбалер во странство, а денот кога се вратил во Македонија таа била на екскурзија во Турција.

„Си дојде во девет и пол вечерта, излезе… Јас бев во Турција и не можев ни да го видам. Толку беше“, вели Лазарова, потсетувајќи дека последен пат го видела пред два месеци, бидејќи Андреј постојано тренирал и играл фудбал.

Таа зборува за скромните семејства, за децата што ги изгубија – „преталентирани, преубави, скромни“. Болката е иста кај сите мајки, вели таа, независно од тоа каде биле, што работеле или каков живот воделе.

Но најтешките зборови ги упати кон адвокатите на обвинетите.

„Нека се чукнат во глава… дали имаат тие деца и дали некој ден може и нивните да ги снајде истата судбина“, кажа Лазарова со огорченост и додаде:

„Со какви пари ќе се вратат дома? Со кои крвави пари?“ прашува таа, алудирајќи на одбраната што, според неа, со своите постапки ги повредила родителите исто колку и денот кога ги изгубиле своите деца.

Раскажува дека тие, како скромни семејства со минимални плати, се бореле да ги школуваат своите деца, да им создадат иднина – а сега ја живеат најцрната можна реалност.

„Сите талентирани, здрави деца… А со постапката на бранителите денес нас повторно нѐ убија“, додава таа, но сепак признава дека од државното обвинителство добиле барем малку храброст за да продолжат да се борат.

Многу полиција, семејства на 63 починати и 35 обвинети. По осум месеци од трагедијата во дивата дискотека „Пулс“ во Кочани, роднините на оние кои ги загубија своите најблиски дочекаа да започне судскиот процес. Новата судница во рамки на затворот Идризово беше преполна. Обвинителството порача дека доколку во Пулс имало контрола, надзор и санкција, пожарот ќе се запаметел како инцидент а не како масовна гробница.